Македонија

Треновски: Најсиромашните граѓани трошат до 80 отсто за храна, секое поскапување најсилно ги погодува нив

Треновски: Најсиромашните граѓани трошат до 80 отсто за храна, секое поскапување најсилно ги погодува нив

Најсиромашните 20 проценти од населението во Македонија трошат меѓу 75 и 80 отсто од своите средства за храна, додека најбогатите 20 проценти за истата намена издвојуваат околу 17 отсто. Ова го истакна универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, предупредувајќи дека поскапувањето на основните прехранбени производи не ги погодува сите граѓани подеднакво.

„Дваесет проценти од најсиромашното население кај нас троши околу 75 до 80 проценти за храна, а во двете потрошувачки кошнички храната не учествува со повеќе од 50 проценти. Тие се уште поранливи од она што сега го гледаме“, истакна Треновски.

Според него, токму овие разлики покажуваат зошто просечните статистички показатели не можат да ја прикажат реалната состојба во сите домаќинства.

Тој објасни дека две семејства со исти месечни приходи можат да имаат сосема различен животен стандард, во зависност од тоа дали поседуваат сопствен стан, плаќаат кирија или имаат дополнителни здравствени и други трошоци.

„Најбогатите 20 проценти трошат само 17 проценти за храна во Македонија. Замислете колку повеќе сиромашното население е погодено од цените на храната. Од таа причина не можете да пресметате една просечна потреба за сите“, посочи професорот.

Треновски нагласи дека државата треба да развива различни потрошувачки модели за различни категории домаќинства.

„Треба да се фокусираме на најранливите и со таргетирани мерки да им помогнеме. Треба да ја видиме нивната потрошувачка кошничка и да носиме мерки што ќе им ја олеснат состојбата“, порача тој.

Според професорот, само со ваков пристап може да се обезбеди ефективна помош за граѓаните што најтешко се справуваат со секојдневните трошоци.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни