Со црвени рози, песна и сеќавања, почитувачите на Тоше Проески денеска на Гуменје во Крушево одбележаа 19 години од неговата смрт. На неговото вечно почивалиште пристигнаа и 14 маратонци кои го истрчаа ултрамаратонот од Нова Градишка во негова чест.
Учесниците го завршија деветнаесеттото издание на ултрамаратонот, продолжувајќи ја традицијата со која го чуваат споменот на музичарот и хуманитарец.
„Ја исполнивме целта и го истрчавме успешно деветнаесеттиот ултрамаратон и еве живи и здрави дојдовме на Гуменје да му се поклониме на нашиот ангел чувар, нашиот Тоше Проески“, изјави еден од маратонците.
Покрај сеќавањата на неговата музика, присутните потсетија и на хуманоста по која го паметат Тоше.
„Мојата порака е да бидеме хумани, да си помагаме едни на други“, порача еден од неговите почитувачи.
За оние што и годинава дојдоа во Крушево, изминатите години не ја намалиле ниту болката поради неговото заминување, ниту љубовта кон неговото дело.
„Деветнаесет години како да беше вчера, а ќе биде засекогаш“, велат почитувачите.
Споменот на Тоше се пренесува и на помладите генерации преку училишни активности, изработка на паноа и читање песни.
Дел од неговиот живот и музички пат е зачуван во Спомен-куќата на Гуменје, каде што се изложени 380 експонати, а уште толку се чуваат во депото. Таа останува место на кое неговите почитувачи се среќаваат со спомените за уметникот чија музика продолжува да ги поврзува.