Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа вонредни инспекциски контроли во месарници во Струга и Охрид, при што се запленети и уништени 1.000 килограми пилешки желудник, кој е забранет за увоз и за употреба. Покрај тоа, запленети и уништени се и 55 килограми преработки од месо во кои биле користени пилешки желудници. Против две месарници кои не го почитувале донесеното Решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменет за човечка исхрана во производството на подготовки и производи од месо, поднесени се соодветни прекршочни санкции.
Како што информираат од АХВ, спроведените контроли во месарниците во Охрид и Струга се дел од засилените активности за спречување на нелегалниот промет со овој вид храна, сузбивање на овој тип криминал и заштита на здравјето на потрошувачите.
„Со цел обезбедување висок степен на заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, Агенцијата во јули 2024 година донесе Решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменет за човечка исхрана во производството на подготовки и производи од месо. Оваа одлука беше донесена поради утврдени потенцијални ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината по здравјето на луѓето — односно можна контаминација со патогени бактерии, вируси, присуство на токсини и слично. Решението за забрана АХВ го донесе врз основа на резултатите од спроведената анализа на ризик од можни опасности по здравјето на граѓаните од консумација на овој тип внатрешни органи од живина, како и од резултатите од спроведените инспекциски контроли со кои тогаш беше утврдена злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии“, наведуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.