Штипјанецот Марко Џорлев денеска го освои златниот медал на Светското карате првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У-21) што се одржува во Бјелско-Бјала, Полска.
Македонскиот репрезентативец во големото финале го совлада Адам Ваги од Унгарија со убедливи 4:1, со што се искачи на највиското место на победничкиот пиедестал.
Неговите тренери од Карате клубот „Штип“, Сашко и Жарко Арсовски, емотивно ја споделија веста за овој голем успех на социјалните мрежи:
„Македонија има светски шампион, Штип има светски шампион, Карате клубот ‘Штип’ има светски шампион! Радувај се Македонијо! Фала му на Господ за сѐ“, порачаа Арсовски.
Честитка по повод историскиот успех упати и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој истакна дека освоеното светско злато е огромна гордост за градот и за целата држава.
„Македонија слави, Штип се гордее! Нашиот Марко Џорлев е светски шампион! Освоеното злато е гордост за сите нас. Голема благодарност и до тренерите Сашко и Жарко Арсовски за нивната посветена работа и создавањето шампиони. Браво Марко, ти си пример дека со труд, дисциплина и посветеност се стигнува до светскиот врв!“, напиша Јорданов.