Кенија потврди четири нови случаи на ебола, со што вкупниот број на заразени во земјата достигна седум, соопшти денеска Министерството за здравство. Вчера, Министерството извести дека е потврден трет случај на зараза.
На 6 октомври, кениските власти објавија дека еден Кениец, кој живеел во Демократска Република Конго (ДР Конго), починал претходниот ден во болница во Најроби. Ова беше првиот случај на зараза и првиот смртен случај поврзан со оваа болест, некогаш забележан во оваа источноафриканска држава.
ДР Конго моментално се соочува со 17-тата епидемија на вирусот ебола во својата историја; во рок од неколку месеци, таа стана најсмртоносната епидемија на ебола некогаш забележана во оваа голема централноафриканска земја.
Епидемијата, која официјално беше прогласена кон средината на мај, достигна над 9.000 случаи и резултираше со 4.381 смртен случај, според податоците што пред четири дена ги објавија здравствените власти во Конго.
Уганда, која граничи со покраината Итури – епицентарот на новата епидемија на ебола во ДР Конго – потврди 20 случаи, од кои два завршија со смртен исход. Кон крајот на август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи крај на епидемијата во Уганда.
Еболата се пренесува преку контакт со телесни течности и предизвикува хеморагична треска. Во моментов не постои одобрена вакцина или третман за сојот „Бундибугјо“ (Bundibugyo), кој е причинител на тековната епидемија.