По долгогодишна традиција што остави значаен белег во македонската култура, детската радиодрама повторно се враќа во програмата. Нови генерации деца добиваат можност да ги покажат своите актерски способности и да станат дел од радио-драмски и телевизиски проекти.
Со стихови, детски гласови и актерски интерпретации беше најавено оживувањето на детската радиодрама, која со децении претставуваше важен дел од културното и медиумското наследство на Македонија.
„Месечко понекогаш е златна пара, фрлена во речен вир до зори. Што е убав овој свет, онде поток, овде цвет“, рецитираа децата, покажувајќи го својот талент и желбата да бидат дел од новите проекти.
Организаторите посочуваат дека детската радиодрама низ годините била расадник на бројни познати актери, режисери и професори, кои токму преку овие снимања ги направиле своите први чекори во уметноста.
„Јас се радувам и се гордеам што продолжувате убавата традиција во која растеа многу генерации кои денес се познати актери, режисери, професори. Сите тие биле дел од овие наши снимања, од творештвото, од наследството што го оставиле во оваа куќа, кое е културно наследство на Македонија“, беше истакнато на настанот.
Заинтересираноста кај децата е голема, а по завршувањето на аудициите и изборот на учесниците ќе следува посебна подготовка. Со младите таленти ќе се работи на правилен изговор, дикција, читање и актерска интерпретација.
„Откако ќе направиме селекција, ќе поработиме на дикцијата кај овие деца, на логично читање на речениците, ќе ги подготвиме да бидат актери за радиодрамските проекти“, објаснуваат организаторите.
Во подготовките ќе бидат вклучени и режисери, а покрај радиодрамите, предвидено е дел од продукцијата да опфати и телевизиски содржини.
Особено значење има и генерациската поврзаност. Меѓу учесниците во обновувањето на проектот има и луѓе кои како деца биле дел од радиодрамите, а денес се вклучени во нивното создавање од поинаква позиција.
„Јас сум сведок на едно дете кое било во овие детски радиодрами, на времето уште кога не знаев да читам, а сега веќе сум во една друга позиција за која ми е многу мило“, изјави еден од учесниците.
Возбудата не ја криеја ниту децата што се пријавија на аудицијата.
„Мислам дека поминав добро, а дојдов тука бидејќи многу сакам да глумам и мислам дека сум добра глумица и родена за сцена“, вели една од младите учеснички.
„Од мала сум имала желба да глумам негде и јас оваа аудиција ја поминав супер“, додава друга.
Со враќањето на детската радиодрама се отвора нов простор за развој на креативноста, актерските способности и љубовта кон уметноста кај најмладите. Истовремено, се продолжува традицијата што низ децениите помогнала во создавањето генерации уметници и претставува значаен дел од македонското културно наследство.