Унапредување на здравствените услуги, размена на медицинска експертиза и заеднички проекти се дел од соработката што Северна Македонија и Бугарија ќе ја развиваат во следните три години. Министерот за здравство Сашо Клековски и бугарската министерка за здравство Катја Ивкова денеска во Софија потпишаа план за соработка меѓу двете министерства за периодот од 2026 до 2028 година.
Од Министерството за здравство информираат дека со документот се предвидува продлабочување на билатералната соработка во областа на здравството и медицинските науки, преку размена на знаења, искуства и добри практики. Соработката ќе се заснова на принципите на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес.
Планот предвидува размена на информации и стручни кадри, обуки и консултации за специјалисти, учество на медицински и научни настани, како и реализација на заеднички проекти, курсеви и семинари.
Меѓу приоритетните области се примарната и специјализираната здравствена заштита, болничкото лекување, превенцијата и контролата на заразните и незаразните болести, епидемиолошкиот надзор и медицинската статистика. Предвидена е и соработка во организирањето на здравствениот одговор при вонредни состојби, како и во развојот на електронското здравство.
Во рамките на посетата на Софија, министерот Клековски го посетил и Универзитетскиот акушерско-гинеколошки болнички комплекс „Мајчин дом“. Таму се запознал со работата на установата и практиките во грижата за мајките и децата, со посебен акцент на неонатологијата и третманот на новороденчињата.
Со медицинските тимови биле разгледани можностите за размена на искуства и унапредување на соработката во областа на неонаталниот скрининг и раното откривање здравствени состојби кај новороденчињата.
Според Министерството за здравство, „Мајчин дом“ располага со најголемата клиника за неонатологија во Бугарија, која има оддел за интензивна нега и современа медицинска опрема. Во рамките на установата функционира и Националната генетска лабораторија, каде што се вршат метаболички и генетски испитувања на новороденчиња.
Од Министерството оценуваат дека потпишувањето на планот претставува чекор кон зајакнување на добрососедските односи и институционалната соработка меѓу двете земји, со крајна цел размена на стручни знаења и подобрување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.