Македонија

Онлајн купувањето во Македонија надмина 530 милиони евра за шест месеци, растат и домашните е-продавници

Онлајн купувањето во Македонија надмина 530 милиони евра за шест месеци, растат и домашните е-продавници

Граѓаните сè повеќе купуваат преку интернет, а вредноста на онлајн трансакциите во Македонија во првите шест месеци од 2026 година надминала половина милијарда евра. Иако домашните е-продавници бележат раст, значителен дел од потрошените пари и понатаму завршува кај странските трговци.

Според податоците на Народната банка, анализирани од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), од јануари до јуни биле реализирани онлајн трансакции во вкупна вредност од 530,3 милиони евра. Тоа е раст од 14,1 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Од вкупниот износ, 302,4 милиони евра биле потрошени кај домашните е-трговци, што претставува годишно зголемување од 14,9 проценти. Истовремено, македонските граѓани потрошиле 227,9 милиони евра во странски онлајн-продавници, односно 13,3 проценти повеќе во споредба со првата половина од 2025 година.

Расте и бројот на купувањата. Во првите шест месеци од годинава биле реализирани 15,3 милиони онлајн трансакции, што е зголемување од 10,1 процент на годишно ниво.

Најголем број плаќања биле извршени со македонски платежни картички кон домашните е-продавници. Станува збор за околу осум милиони трансакции, што е раст од 12,3 проценти. Кон странските онлајн-трговци биле реализирани 6,45 милиони трансакции, или 5,7 проценти повеќе од истиот период лани.

Дополнително, странските купувачи реализирале повеќе од 904.000 трансакции кон македонските е-продавници, што претставува годишен раст од 26,7 проценти.

Просечната вредност на една онлајн трансакција изнесувала околу 34,6 евра, што е зголемување од приближно 3,7 проценти. Кај купувањата од странство, просечниот износ достигнал околу 35,3 евра, со раст од 7,2 проценти.

Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков, оценува дека е-трговијата продолжува да се развива, но со поумерена динамика во споредба со минатогодишниот раст од 34 проценти.

Според неа, позитивно е што растот се забележува и кај домашните трговци, но останува предизвикот да привлечат поголем дел од потрошувачката што се реализира преку интернет.

Ангеловска Станков посочува дека зајакнувањето на конкурентноста на домашните е-продавници, подобрувањето на корисничкото искуство, логистиката и дигиталните плаќања се клучни за понатамошниот развој на секторот.

Растот на онлајн купувањето е проследен и со зголемување на бројот на места за електронска продажба. Заклучно со јуни 2026 година, во земјава биле регистрирани 2.408 е-продажни места, наспроти 2.240 на крајот од минатата година. Тоа значи дека за шест месеци нивниот број е зголемен за 168.

Од АЕТМ посочуваат дека ќе продолжат со активности за едукација и поддршка на постојните и новите е-трговци, со цел да се зајакне домашниот пазар и да се подобри неговата конкурентност.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни