Холандскиот премиер Роб Јетен во понеделникот објави дека тој и неговиот партнер го очекуваат своето прво дете, со помош на сурогат-мајка и донаторка на јајце-клетки.
„Ни доаѓа некој навистина посебен. Се гледаме во 2027 година, малечок“, напиша Роб Јетен на својот личен профил на Инстаграм, додавајќи емоџија од бебешка глава и шишенце за бебиња.
„Не постојат доволно големи зборови за да им се заблагодариме на нашата донаторка на јајце-клетки, на нашата сурогат-мајка и на нивните семејства. Без вас, ништо од ова немаше да биде возможно“, изјави тој.
Јетен е свршен со Николас Кинан, аргентински репрезентативец во хокеј на трева. Двојката планираше да стапи во брак ова лето, но ја одложија свадбата набргу откако Јетен оваа година ја презеде функцијата премиер.
Јетен (39) стана најмладиот премиер во холандската историја по неочекуваната изборна победа на неговата партија, Д66, пред една година.
Сурогат-мајката и донаторката на јајце-клетки се пријателки на двојката; двете веќе имаат свои деца и немале никакви комерцијални мотиви за да ја понудат својата помош, соопшти партијата Д66 на својата веб-страница.
Во Холандија, плаќањето за услуги поврзани со сурогат-мајчинство е незаконско.
Од партијата Д66 наведоа дека бременоста – остварена преку медицински потпомогнато оплодување – е целосно во согласност со холандските прописи и е реализирана преку услуги за плодност достапни во Холандија. Исто така, од партијата информираа дека Јетен ќе земе неколку слободни дена по раѓањето на детето за да биде со своето семејство, но не планира да користи подолго родителско отсуство.