Балкан

Рама: Протестите во Албанија се користат за дестабилизација, владата нема да падне со насилство

Рама: Протестите во Албанија се користат за дестабилизација, владата нема да падне со насилство

Албанскиот премиер Еди Рама ги обвини организаторите на неодамнешните протести дека се обидуваат да ја дестабилизираат земјата и да го попречат нејзиниот пат кон Европската Унија. Тој порача дека владата нема да биде соборена со насилство, оценувајќи дека протестите се користат како средство за, како што тврди, хибридна војна.

Рама ги изнесе овие ставови на средба со директори на средни училишта во Министерството за образование, на која се разговарало за учеството на малолетници во насилни инциденти и нападите врз полицијата.

Според албанскиот премиер, протестите не се поврзани со реалните потреби на учениците, туку претставуваат организиран напад, во кој учествуваат обучени лица, со наводна поддршка од странски актери.

„Каменот во раката на некој што го фрла кон полицијата е оружје. Овој бран на насилство мора да запре“, изјави Рама, отфрлајќи ги обвинувањата за непропорционална употреба на полициска сила.

Тој посочи дека во немирите биле повредени околу 200 полицајци и 80 демонстранти. Истовремено, обвини дел од медиумите дека намерно го поттикнуваат незадоволството кај граѓаните и го претвораат во гнев со цел да се предизвика пад на владата.

Рама истакна дека останува отворен за дијалог со сите политички субјекти што имаат конкретна алтернатива за управување со земјата, но нагласи дека насилството нема да доведе до промена на власта.

Посебен акцент стави на учеството на малолетници во протестите, најавувајќи можни построги мерки. Меѓу предлозите се финансиска одговорност на родителите за материјалната штета што ќе ја предизвикаат нивните деца, можни измени на старосната граница за кривична одговорност и потенцијални ограничувања за користење на социјалните мрежи од лица помлади од 16 години.

Најавените мерки доаѓаат во услови на зголемени тензии во Албанија, каде што протестите прераснаа во судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни