По сончевото и топло време, од утре попладне се очекува промена на временските услови, со зголемена облачност и врнежи од дожд, кои во четврток ќе бидат пообилни и проследени со повремени грмежи. Според најавата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во наредните денови времето ќе биде променливо облачно, а во петок ќе дува засилен северозападен ветер.
Пред промената на времето, денеска ќе преовладува претежно сончево и топло време, со мала локална облачност и слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 10 степени, додека максималните ќе достигнат од 20 до 26 степени Целзиусови.
Во Скопје се очекува сончево време со слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се спушти до 6 степени, а дневната ќе достигне до 25 степени.
Од УХМР посочуваат дека од утре попладне и во текот на следните денови ќе има услови за врнежи од дожд. Најизразени ќе бидат во четврток, кога се очекуваат поројни и пообилни врнежи, проследени со повремени грмежи.
До четврток, во котлините ќе има услови за појава на утринска магла и ниска облачност. Во петок се очекува засилен северозападен ветер, што ќе донесе дополнителна промена на временските услови.