Променливо облачно време со сончеви периоди ќе преовладува денеска во Македонија, а во попладневните часови се очекува постепено зголемување на облачноста и појава на слаб локален дожд, најпрво во крајните западни делови, а потоа и во други делови од земјата.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, кој повремено ќе засилува долж Повардарието. Максималните дневни температури ќе се движат од 17 до 23 степени, додека минималните ќе бидат меѓу 4 и 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и слаб до умерен ветер од променлив правец.
Од утре следува период на нестабилно време, со почести и пообилни врнежи од дожд. Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, ваквите временски услови ќе се задржат до почетокот на следната работна седмица.
Во четврток се очекуваат локално поројни и пообилни врнежи, проследени со повремени грмежи. Минималните температури ќе бидат од 6 до 14 степени, а максималните од 13 до 21 степен.
Во среда и четврток на одредени места ќе има услови за појава на утринска магла, што може да ја намали видливоста во котлините и долж патиштата.
Промена на ветерот се очекува во петок, кога ќе дува засилен ветер од североисточен правец, со удари кои наместа ќе надминуваат 50 километри на час.
Температурите во петок ќе се движат од 2 до 13 степени во утринските часови, додека дневните ќе достигнат од 16 до 21 степен.
Според најавите на УХМР, променливото и нестабилно време со повремени врнежи ќе продолжи и во наредните денови.