Деталниот урбанистички план за „Барутана“ нема да биде ставен на гласање пред Советот на Општина Центар доколку дополнителните стручни анализи покажат дека постојат ризици за безбедноста на теренот. Ова го најави градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, нагласувајќи дека безбедноста на граѓаните е приоритет и дека општината нема да дозволи урбанистички решенија кои би ја загрозиле.
Герасимовски истакна дека во изминатите недели во јавноста биле пласирани бројни шпекулации и неточни информации за предложениот детален урбанистички план, со што, според него, непотребно се создала загриженост кај жителите.
Тој појасни дека по поништувањето на претходниот план во 2025 година, Општина Центар започнала законска постапка за донесување нов план, чија цел не е отворање дополнителни градежни парцели, туку подобрување на постојните урбанистички параметри.
„Во деталниот план нема нови 25 парцели, како што некој сакаше да прикаже во изминатите месеци. Не правиме нов план на гола полјана или на Водно каде што вцртуваме нешто ново, туку го пресликуваме она што постоело од 2002 година и ги подобруваме условите“, посочи Герасимовски.
Според него, со предложените измени значително се намалува предвидената површина за градба, од приближно 43.500 на 29.400 квадратни метри.
Дополнително, на парцела во сопственост на општината се предвидува изградба на пензионерски дом, додека процентот на зеленило е зголемен на 40 отсто, двојно повеќе од законски предвидениот минимум од 20 проценти.
Герасимовски нагласи дека новите решенија предвидуваат и ограничување на подземното паркирање на едно ниво, со цел да се спречат практиките од минатото, кога помошни простории и паркинзи дополнително биле пренаменувани во станбени единици.
Градоначалникот информираше дека за планот веќе се добиени позитивни мислења од десет надлежни институции, меѓу кои и Дирекцијата за заштита и спасување.
Сепак, општината ќе побара дополнителни стручни испитувања за да се утврди стабилноста на теренот и можните ризици од свлечишта и ерозија.
Како што објасни, планерската куќа ќе треба да ангажира соодветна стручна институција, најверојатно Градежниот факултет, која ќе изработи дополнителна анализа на безбедносните аспекти на подрачјето.
„Одиме чекор понатаму за да ја утврдиме безбедноста на тој дел од Центар. Бараме дополнителни испитувања за свлечишта, ерозија и целокупната стабилност на теренот“, истакна Герасимовски.
Тој беше дециден дека доколку резултатите укажат на каква било опасност, постапката нема да продолжи.
„Ако анализите покажат одреден ризик на тоа подрачје, нема да продолжиме со процедурата, односно планот нема да биде ставен на гласање пред Советот на Општина Центар“, порача градоначалникот.
Во интервјуто, Герасимовски најави можност за организирање уште една јавна анкета, со цел жителите повторно да добијат можност да ги изнесат своите забелешки и предлози за урбанистичкиот развој на населбата.
Тој посочи дека при претходната јавна анкета биле доставени и забелешки од лица кои не живеат во „Барутана“, а дел од анкетните листови, според неговите тврдења, содржеле идентични забелешки.
Од друга страна, како што рече, дел од сопствениците на парцели во населбата имаат поинакви барања, бидејќи со новиот план се намалуваат параметрите за градба што претходно им биле дозволени.
Герасимовски нагласи дека општината останува отворена за дијалог и дека сите забелешки ќе бидат разгледани во рамките на законската постапка.
Осврнувајќи се на критиките од дел од советниците, Герасимовски оцени дека темата „Барутана“ била искористена и за политички пресметки, при што, како што рече, биле изнесувани неосновани обвинувања кон општинската администрација и стручните служби.
Тој побара да престанат нападите врз вработените во општината, нагласувајќи дека урбанистичките постапки ги водат компетентни лица и институции.
„Градоначалникот ниту го црта деталниот урбанистички план, ниту дава стручно мислење, ниту на крајот го гласа. Постои законска процедура и институции кои даваат мислења, а конечната одлука ја носат советниците“, истакна Герасимовски.
Според него, целта на општинското раководство е секој нов урбанистички план да овозможи подобри услови за живот, повеќе зеленило и побезбеден простор за граѓаните.
Герасимовски порача дека Општина Центар ќе продолжи со транспарентна постапка, дополнителни проверки и консултации со јавноста, а конечната одлука за иднината на „Барутана“ ќе зависи од стручните анализи и одлуката на Советот.