Македонија

Герасимовски: Нема бетонизација на Водно, заштитата на зеленилото е пред сите интереси!

Герасимовски: Нема бетонизација на Водно, заштитата на зеленилото е пред сите интереси!

Општина Центар нема да дозволи носење детален урбанистички план што би бил на штета на граѓаните, а кога станува збор за заштитата на Водно и зелените површини, компромис нема. Ова го порача градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за контроверзиите околу деталниот урбанистички план за „Барутана“ и политичките реакции што ги предизвика во јавноста.

Герасимовски истакна дека одлуката за дополнителни стручни анализи не е резултат на политички притисоци, туку дел од заложбата на општината да обезбеди законска и безбедна постапка за урбанистичко планирање.

Според него, уште од почетокот било предвидено најпрво да се разгледа нацрт-планот, а во понатамошната процедура да се обезбедат сите потребни позитивни мислења од надлежните институции.

„Ние бевме решени да го спроведеме само нацрт-планот, а при продолжување на процесот да ги побараме сите позитивни мислења од сите релевантни институции. Секако дека нема да ставиме детален урбанистички план на штета на граѓаните“, нагласи Герасимовски.

Тој објасни дека со предложените урбанистички решенија се намалуваат дел од претходно утврдените параметри за градба, што може да влијае врз сопствениците на земјиште кои според старите планови имале поголеми можности за изградба.

Градоначалникот се осврна и на политичките изјави поврзани со иднината на „Барутана“, посочувајќи дека за ова прашање во неколку наврати разговарал и со претседателот на партијата.

Сепак, нагласи дека политичките ставови треба да се разликуваат од законските обврски на локалната самоуправа и од постапките што мора да ги спроведе општината.

„Тоа е политичка изјава. Јас можам да кажам што ние како општина ќе направиме и кои се нашите законски обврски“, рече Герасимовски.

Тој беше дециден дека заштитата на Водно и зеленилото останува еден од главните приоритети во урбанистичките политики на Општина Центар.

„Кога станува збор за Водно, кога станува збор за зеленило, нема компромис. Тука водиме голема сметка и ги проверуваме работите повеќепати“, истакна градоначалникот.

Герасимовски порача дека сите следни чекори поврзани со деталниот урбанистички план ќе се преземаат согласно законските процедури и мислењата на стручните институции, со цел да се обезбеди рамнотежа меѓу урбанистичкиот развој, правата на сопствениците и заштитата на животната средина.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни