Македонија

Герасимовски: Во Центар има урбанистички план со трипати поголеми параметри од предвиденото во ГУП

Герасимовски: Во Центар има урбанистички план со трипати поголеми параметри од предвиденото во ГУП

Сериозни неусогласености меѓу деталните урбанистички планови и Генералниот урбанистички план на Скопје создаваат проблеми во урбанистичкиот развој на главниот град. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ откри дека кај еден од најголемите детални урбанистички планови во општината параметрите се дури трипати повисоки од оние предвидени со важечкиот Генерален урбанистички план.

Според него, проблемот не е ограничен само на Центар, туку е присутен и во други скопски општини, поради долгогодишното доцнење со донесувањето нов Генерален урбанистички план.

„Не само во Општина Центар, туку на ниво на целиот град, голем број детални урбанистички планови отстапуваат од бројките на Генералниот урбанистички план, бидејќи Град Скопје со години доцни со неговото донесување“, истакна Герасимовски.

Тој посочи дека особено проблематична е состојбата со еден од најголемите урбанистички планови во општината, кој претходно бил поништен од судовите.

„Кај тој детален урбанистички план бројките се трипати надминати во однос на Генералниот урбанистички план. Тоа е еден од најголемите детални планови во општината, а можеби и пошироко“, рече градоначалникот.

Герасимовски предупреди дека ваквите неусогласености го отежнуваат планирањето на просторот, особено во густо населените делови на градот, каде што секоја нова градба има влијание врз инфраструктурата, сообраќајот и квалитетот на живот.

Според него, неопходно е навремено усогласување на урбанистичките документи и јасна координација меѓу градските и општинските институции.

Градоначалникот нагласи дека сè уште нема прецизна информација кога ќе биде донесен новиот Генерален урбанистички план на Скопје, што дополнително ја усложнува состојбата со деталните планови.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни