Македонија

Герасимовски: Инвеститорите ги блокираат тротоарите и ги валкаат улиците – инспекциите постојано се на терен

Герасимовски: Инвеститорите ги блокираат тротоарите и ги валкаат улиците – инспекциите постојано се на терен

Несовесното однесување на дел од градежните инвеститори е еден од најголемите проблеми во Општина Центар. Градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека општинските инспекциски служби континуирано вршат контроли на градилиштата, поради непочитување на правилата за градба и нарушување на јавниот простор.

Според него, дел од инвеститорите оставаат градежни материјали на тротоарите, го попречуваат движењето на пешаците, блокираат улици и ја оштетуваат јавната инфраструктура.

„Најмногу ми пречи кога ќе видам несоодветно заградено градилиште, тротоари на кои се оставени разни предмети и улици извалкани со масло или други материјали од градбата“, истакна Герасимовски.

Тој посочи дека ваквите појави не се само естетски проблем, туку влијаат и врз безбедноста и нормалното функционирање на сообраќајот и пешачките површини.

Градоначалникот нагласи дека инспекциските служби редовно се испраќаат на терен за да постапуваат против инвеститорите кои не ги исполнуваат своите обврски.

Сепак, според него, поделбата на надлежностите меѓу различни институции понекогаш го отежнува навременото решавање на проблемите.

Герасимовски истакна дека не е реално да се очекува целосен прекин на градежните активности, но дека е неопходна построга регулатива, особено во централните градски подрачја.

„Градбата никогаш нема целосно да запре, ниту кај нас, ниту во светот. Но, во многу држави постојат строги ограничувања, особено во најцентралните делови на градовите“, рече тој.

Во интервјуто, градоначалникот ги повика и граѓаните активно да пријавуваат оштетена урбана опрема, искршени клупи, неисправно осветлување и други комунални проблеми.

Тој посочи дека и самиот често пешачи или вози велосипед низ општината, ги фотографира забележаните недостатоци и ги испраќа до надлежните служби за да бидат санирани.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни