Општина Центар поднела иницијатива за промена на законските правила за откуп на државно земјиште, со цел да се спречи неговото лесно преминување во приватна сопственост. Ова го откри градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, нагласувајќи дека заштитата на државното земјиште е еден од приоритетите на локалната самоуправа.
Според Герасимовски, постојната законска можност им дозволува на сопствениците кои поседуваат 30 проценти од одредена парцела да го откупат преостанатиот дел од 70 проценти, доколку станува збор за државно земјиште и се исполнети законските услови.
Тој смета дека ваквото решение треба суштински да се промени.
„Нашата иницијатива, подготвена со правниот тим на општината, е правилото да биде обратно. Оној што поседува 70 проценти од земјиштето да може да ги откупи преостанатите 30 проценти што се во државна сопственост“, објасни Герасимовски.
Според него, предложената измена би овозможила поголема заштита на земјиштето во државна сопственост и би го ограничила неговото отуѓување преку постојните законски механизми.
Градоначалникот нагласи дека од почетокот на неговиот мандат се залага против продажба на државно земјиште на територијата на Општина Центар.
„Од кога дојдов во општината, дадов ветување и стојам зад тоа – да не се продава државно земјиште. Немаме лицитации за продажба на државно земјиште“, истакна Герасимовски.
Тој појасни дека исклучок претставуваат постапките кои се дозволени со важечките законски одредби, а се однесуваат на оформување градежни парцели.
Герасимовски оцени дека заштитата на државното земјиште е особено важна за централното градско подрачје, каде што просторот е ограничен, а интересот за нови градежни инвестиции е голем.
Според него, неопходни се законски измени со кои ќе се воспостават построги услови за откуп, поголема контрола и подобра заштита на јавниот интерес.