„Забораваме кој нè ставил во парламентот, кој гласал за нас и кој ни овозможил да бидеме на одредени позиции“. Со оваа порака потпретседателот на СДСМ, Горан Герасимовски, се осврна на внатрепартиските несогласувања и односот на дел од функционерите кон партијата, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Герасимовски оцени дека во СДСМ со текот на годините се изгубиле дел од вредностите кои порано придонесувале за посилна организација, меѓусебна почит и чувство на припадност.
Тој нагласи дека секој функционер треба да биде свесен за одговорноста што ја има кон политичката партија и членството кое му ја дало довербата.
„Треба да бидеме свесни, одговорни и самокритични. Треба да знаеме кој ни овозможил да бидеме на одредени позиции, како сме дошле до нив и што ѝ должиме на политичката партија“, порача Герасимовски.
Тој потсети дека е член на СДСМ уште од своето полнолетство и дека најголемиот дел од неговиот политички развој е поврзан токму со оваа партија.
„Јас сум член од моето полнолетство. Таму сум растел. Ни недостигаат многу работи во партијата, но верувам дека со текот на времето голем дел од нив ќе ги вратиме“, истакна Герасимовски.
Според него, партијата не може целосно да се врати на начинот на кој функционирала во минатото, но може повторно да изгради поголема блискост меѓу членството.
Тој особено ги издвои единството, другарството и меѓусебната почит како вредности кои треба да бидат обновени.
Герасимовски откри дека дел од членовите кои претходно учествувале во активностите на „платформата“ веќе се вратиле во редовните партиски активности.
За останатите, како што рече, вратата за разговор останува отворена.
„Јас сум секогаш оптимист. Дел од луѓето кои седеа на масата на платформата веќе се вратија во партиските редови. Останатите се наши партиски другари“, нагласи тој.
Герасимовски порача дека различните размислувања не треба да бидат причина за трајни поделби, туку можност за внатрешна дебата и подобрување на функционирањето на СДСМ.
Според него, враќањето на довербата меѓу членството е еден од клучните предуслови за целосна консолидација на партијата.