Градоначалникот на Општина Центар и потпретседател на СДСМ, Горан Герасимовски, упати остри критики кон актуелната власт, оценувајќи дека економската состојба во државата е катастрофална, а незадоволството кај граѓаните постојано расте.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Герасимовски посочи дека незадоволството е присутно кај различни категории граѓани, од вработените во администрацијата, преку земјоделците, до бизнис-секторот.
„Катастрофално е ова што се случува во државата, особено во делот на економијата. Гледаме незадоволна администрација, незадоволни земјоделци, незадоволни бизнисмени, но сè уште никој не собрал храброст да излезе на улица и да го искаже својот револт“, изјави Герасимовски.
Според него, за незадоволството да прерасне во посилна политичка реакција, неопходно е обединување на опозицијата и создавање стабилен опозициски блок.
Тој смета дека токму организирана и консолидирана опозиција може да ги охрабри граѓаните поотворено да ги изразат своите ставови за работењето на власта.
„Сигурен сум дека со окрупнување на опозицијата, со стабилна опозиција и стабилен опозициски блок, граѓаните ќе се охрабрат и својот револт и незадоволство ќе го искажуваат на поинаков начин“, нагласи Герасимовски.
Тој оцени дека опозициските политички партии имаат можност да ја искористат моменталната состојба за да понудат поинакви политики и решенија за економските и општествените проблеми.
Според Герасимовски, клучниот предизвик во следниот период ќе биде создавање силна опозициска структура која ќе може да ја врати довербата кај граѓаните и да понуди алтернатива на актуелната власт.