Македонија

Медиуми во Албанија: Гумените куршуми и солзавците се од Македонија

Медиуми во Албанија: Гумените куршуми и солзавците се од Македонија

Албанската полиција наводно набавила солзавец и специјални гумени куршуми од Северна Македонија, кои се користат за растерување на демонстрантите во Тирана. Ова го објави албанскиот медиум „Сири“, повикувајќи се на извори од царинскиот премин Ќафасан.

Според информациите што ги пренесува медиумот, пратката со солзавец и гумени куршуми кои при активирање ослободуваат и гас, пристигнала во Албанија во текот на вчерашниот ден, 20 октомври.

„Сири“ тврди дека по седум дена интензивни протести, албанската полиција ги потрошила резервите на солзавец што ги имала во своите магацини, поради што била извршена дополнителна набавка од Северна Македонија.

Медиумот наведува дека информацијата ја добил од извори во царинската служба на Ќафасан, кои наводно го потврдиле влезот на пратката на албанска територија.

Според истите тврдења, новонабавените средства веќе се употребуваат од полициските сили при интервенциите против демонстрантите во различни делови на Тирана.

Објавата доаѓа во време кога албанската престолнина е зафатена од повеќедневни антивладини протести, проследени со судири меѓу демонстрантите и полицијата, употреба на солзавец и водени топови.

Демонстрантите бараат подобри услови во образованието, намалување на школарините и справување со корупцијата, додека дел од протестното движење бара и оставка од премиерот Еди Рама.

Засега нема официјална потврда од македонските или албанските надлежни институции за наводната набавка, потеклото на опремата и нејзиниот транспорт преку граничниот премин Ќафасан. Информациите се засноваат на тврдењата објавени од албанскиот медиум „Сири“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни