Сведочењето на поранешен член на Управниот одбор на „Државна лотарија“ повторно го отвори прашањето за одлучувањето околу набавката на видеолотариските терминали. Христа Најданов, кој бил член на одборот од 2017 до 2024 година, изјави дека не се сеќава на посебна одлука за набавка на ВЛТ-апаратите. Одбраната, пак, тврди дека постапката била законска и дека за неа постојат одлуки од надлежните органи.
Најданов сведочеше на судењето против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седуммина обвинети. Тој во Управниот одбор бил предложен од ДОМ, партија која во тој период беше дел од владината коалиција.
Сведокот објасни дека членовите на Управниот и Надзорниот одбор биле избирани по предлог на политичките партии. Според него, таквата практика продолжила и во наредниот период.
Говорејќи за начинот на работа на Управниот одбор, Најданов посочи дека за време на директорувањето на Катица Николовска-Парнакова седниците се одржувале со физичко присуство, при што членовите имале можност да дискутираат и да побараат дополнителни објаснувања. По доаѓањето на Перпарим Бајрами, седниците првично се одвивале на истиот начин, но околу 2021 година дел од материјалите почнале да се доставуваат електронски.
Тој посочи дека понекогаш материјалите ги добивале наутро, со рок за одговор до попладневните часови, поради што немал секогаш доволно време детално да ги разгледа.
„Во 99 проценти од случаите одговорите на членовите беа позитивни. Немавме можност да се обратиме до службите за дополнителни објаснувања. Сите не сме стручни за сите работи“, рече Најданов.
Во врска со набавката на видеолотариските терминали во 2023 година, сведокот потврди дека се разговарало за проширување на дејноста на „Државна лотарија“ и за формирање ново друштво за видео игри. Тој знаел дека набавката на ВЛТ-апарати била предвидена во планот, но не се сеќава дека Управниот одбор донел посебна одлука за неа.
Најданов додаде дека за конкретната набавка дознал преку медиумите и социјалните мрежи.
Одбраната оцени дека фактот што сведокот не се сеќава на одредени одлуки не значи дека тие не биле донесени. Адвокатот Еленко Миланов, кој го брани Бајрами, посочи дека Управниот одбор ги усвојува финансиските планови и планот за јавни набавки, додека во конкретниот случај постои и одлука на Надзорниот одбор, донесена врз основа на членот 33 од Статутот.
Миланов тврдеше дека одлуката била во согласност со Законот за трговските друштва. Тој посочи и дека станувало збор за голема зделка, чија вредност надминувала 20 проценти од вредноста на компанијата, поради што одлучувањето било во надлежност на Надзорниот одбор.
Во однос на електронското одлучување, адвокатот објасни дека таквата практика започнала за време на пандемијата, кога институциите носеле одлуки без физичко присуство на повеќе лица во иста просторија.
Артан Груби на судењата веќе доаѓа без полициско обезбедување, откако истече законскиот рок за куќен притвор, и се брани од слобода.
Обвинителството го товари Груби дека во текот на 2023 и 2024 година, заедно со поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица, незаконски овозможиле и одобриле набавка на апарати за видеолотарија.