Македонија

Десет возачи приведени за безобѕирно управување, седум возеле без положен испит

Десет возачи приведени за безобѕирно управување, седум возеле без положен испит

Десет возачи биле лишени од слобода во изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило, соопшти Министерството за внатрешни работи. Седуммина од нив управувале возила без положен возачки испит, двајца возеле и покрај активна забрана, а еден бил под дејство на алкохол.

Според информациите од МВР, полициските службеници ги лишиле од слобода на различни локации низ државата, поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во членот 297-а од Кривичниот законик.

Меѓу приведените се седум лица кои управувале возило без положен возачки испит: четворица од Скопје, двајца од скопско и едно лице од Тетово. Меѓу нив има и 16-годишник.

Дополнително, полицијата лишила од слобода 45-годишен жител на Велес и 25-годишен жител на Гостивар, кои управувале возила и покрај тоа што имале активна забрана за управување. Приведен бил и 37-годишен гостиварец кој возел под дејство на алкохол.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од полицијата упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, со активна забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни