Нови известувања за плаќање данок на доход од странство повторно пристигнуваат до граѓаните. Управата за јавни приходи (УЈП) продолжува со постапката за наплата на даночните обврски за приходи остварени во странски земји во текот на 2021 година.
Од Управата информираат дека известувањата се доставуваат во овој период, а граѓаните на кои се однесуваат имаат законска обврска да ги подмират утврдените обврски, освен доколку исполнуваат услови за ослободување од оданочување во земјава.
Од УЈП појаснуваат дека лицата можат да достават соодветни докази доколку сметаат дека имаат право на даночно ослободување. Дополнително, од институцијата наведуваат дека при испраќањето на известувањата не располагаат со информации за личниот статус на примателите, односно дали станува збор за студенти, припадници на воени мисии во странство или вработени во меѓународни организации.
Прашањето за ретроактивното оданочување предизвика реакции и минатата година, кога голем број граѓани добија даночни пријави за приходи остварени во странство во текот на 2020 година. Меѓу нив имаше студенти, припадници на воени мисии, вработени во меѓународни организации, но и лица ангажирани во странски компании.
Кај дел од граѓаните, утврдените даночни обврски изнесуваа и по неколку илјади евра, што предизвика незадоволство и протести пред Управата за јавни приходи.
Со продолжувањето на постапката за приходите од 2021 година, повторно се отвора прашањето за начинот на утврдување на даночните обврски и можностите за ослободување за лицата кои сметаат дека ги исполнуваат законските услови.