Македонија

Велешанец за 3.200 евра им продавал наводни кубански вакцини на болни од рак – семејствата се сомневаат дека примале физиолошки раствор

Велешанец за 3.200 евра им продавал наводни кубански вакцини на болни од рак – семејствата се сомневаат дека примале физиолошки раствор

Сѐ уште нема конечен епилог од постапката против велешанецот М.А. (47), кој е осомничен дека на тешко болни пациенти од рак им продавал наводни кубански вакцини по цена од 3.200 евра, уверувајќи ги нивните семејства дека со нивна помош може да се излекуваат.

Семејствата на дел од пациентите, кои во меѓувреме починале, се сомневаат дека наместо вакцина, на нивните најблиски им бил аплициран физиолошки раствор. Според нивните сведоштва, остаток од една од инјекциите бил испратен на лабораториско испитување во Србија, каде што, како што тврдат, било утврдено дека станува збор за физиолошки раствор, а не за вакцина.

Во потресно сведоштво за „Слободен печат“, ќерката на починатиот Димче Димовски раскажува дека нејзиниот татко ја примил наводната вакцина во семејниот дом. Велешанецот ја донел супстанцата во обичен кафен коверт, без соодветна амбалажа и документација за потеклото, а по аплицирањето ги зел шприцот и преостанатите материјали.

Семејствата тврдат дека парите ги давале во готово, но дел од уплатите биле извршени и преку банкарска сметка. Тие бараат надлежните институции да го расчистат случајот и да утврдат што точно примале болните, како и дали постоела поширока мрежа на лица кои знаеле за ваквата продажба.

Од МВР потврдуваат дека на 31 јули 2026 година, по наредба на Основниот суд Велес, бил извршен претрес во домот и помошните простории на М.А., при што бил одземен мобилен телефон за понатамошна постапка.

На 21 август, пак, 37-годишен жител на Кавадарци пријавил дека во периодот од ноември 2025 година бил измамен за 3.200 евра. Според пријавата, велешанецот го довел во заблуда дека може да помогне во лекувањето на член од неговото семејство, за што му биле исплатени парите.

Во септември полицијата извршила и службен разговор со М.А., а постапката за расчистување на случајот продолжува.

Министерот за здравство Сашо Клековски предупреди дека во земјава постои црн пазар на лекови и вакцини и апелираше до граѓаните здравствени услуги и терапии да бараат исклучиво во овластени здравствени установи.

Наводната кубанска вакцина не е регистрирана во Македонија, а засега нема официјална потврда за вистинскиот состав на инјекциите што им биле аплицирани на пациентите.

Додека институциите го истражуваат случајот, семејствата на починатите пациенти бараат одговори и одговорност за она што го сметаат за злоупотреба на нивната надеж за излекување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Герасимовски за „Барутана“, „Треска“, Платформа 12:05 и поделбите во СДСМ | Ноќно студио 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни