Граѓанските организации за заштита на животната средина од Западен Балкан бараат владите во регионот да се откажат од плановите за изградба на нови гасоводи и гасни електрани и парите да ги пренасочат кон обновливи извори на енергија. Од регионалниот состанок во Црна Гора предупредија дека зависноста од увозен гас може да ги чини државите милијарди евра и да ги остави со инфраструктура која ќе стане финансиски неодржлива пред да се исплати.
Според анализата на CEE Bankwatch Network и Beyond Fossil Fuels, доколку се реализираат планираните гасни проекти, годишниот капацитет за увоз на гас во Западен Балкан би се зголемил за 10,5 милијарди кубни метри, што е повеќе од трипати над вкупната потрошувачка на гас во регионот во 2023 година.
Организациите предупредуваат дека ваквите инвестиции би создале долгорочна зависност од скап увозен гас, во период кога Европската Унија се насочува кон намалување на употребата на фосилни горива.
Посебно внимание во соопштението е посветено на Македонија, каде што покрај изградбата на гасниот интерконектор со Грција, се планираат и најмалку две дополнителни термоелектрани на гас.
Според еколошките организации, изградбата на интерконекторот била најавена минатата година, иако постапката за експропријација сè уште не била завршена, а останале и нерешени правни прашања.
Тие посочуваат дека планираните нови гасни капацитети ги надминуваат ограничувањата предвидени во важечките национални стратешки документи за енергетика и клима.
Како дополнителен проблем го наведуваат меморандумот потпишан во 2025 година со турската компанија „Казанџи Холдинг“ за изградба на гасни постројки и дистрибутивни мрежи, за кој, како што тврдат, јавноста нема доволно информации.
Организациите предупредуваат дека ваквите договори не смеат да бидат начин за заобиколување на домашното законодавство, јавните консултации и усвоените енергетски стратегии.
Тие изразуваат загриженост и поради засилените американски дипломатски активности за проширување на инфраструктурата за увоз на течен природен гас (LNG) во Централна и Источна Европа, вклучувајќи ја иницијативата позната како „Рамка за мировни цевководи на Трамп“.
Според нив, ваквите планови се во спротивност со долгорочните цели на Европската Унија за декарбонизација и би можеле да го претворат регионот во зависен пазар за американски гас.
Во соопштението се посочува и дека Европската комисија не планира да финансира нови гасни проекти во Западен Балкан, додека Европската инвестициска банка го исклучила финансирањето нови проекти за фосилен гас.
Дополнителен ризик, според организациите, претставуваат зголемените трошоци поврзани со емисиите на јаглерод, вклучувајќи ги европскиот систем за тргување со емисии EU ETS и механизмот за јаглеродно приспособување на границите CBAM.
Наместо вложувања во илјадници километри нови гасоводи, организациите бараат јавните средства и меѓународната финансиска поддршка да се насочат кон соларни и ветерни електрани, енергетска ефикасност, модернизација на електродистрибутивните мрежи, топлински пумпи и системи за складирање енергија.
Тие сметаат дека Западен Балкан има доволно потенцијал за развој на чиста енергија и дека понатамошното инвестирање во фосилен гас би ја забавило енергетската транзиција.
„Западен Балкан не смее да стане тест-полигон за валкани технологии и пазар за американски течен природен гас“, порачуваат граѓанските организации од регионалниот состанок во Црна Гора.
Нивното барање до владите е да ги преиспитаат планираните гасни проекти и да дадат приоритет на инвестиции што ќе обезбедат долгорочна енергетска сигурност, помало загадување и заштита на јавните средства.