Македонија

Петровска: Подготвена сум да го вратам пратеничкиот мандат ако така одлучат органите на СДСМ

Петровска: Подготвена сум да го вратам пратеничкиот мандат ако така одлучат органите на СДСМ

Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска изјави дека е подготвена да се откаже од пратеничкиот мандат доколку таква одлука донесат Централниот одбор и Конгресот на СДСМ. Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа порача дека нема намера самостојно да ја напушти пратеничката група, но дека ќе ги почитува одлуките на партиските органи.

Одговарајќи на прашањето дали би продолжила да дејствува како независна пратеничка доколку биде исклучена од СДСМ, Петровска истакна дека мандатот го добила од граѓаните, но и дека нејзината кандидатура била утврдена низ партиска постапка.

„Пратеничкиот мандат е доделен од граѓаните. Јас сум била на листа и сум станала пратеник во рамките на пратеничката листа на СДСМ и коалиционите партнери. Прво беше одлуката дадена на Централниот одбор, потоа и на Конгресот, и доколку се помине истата постапка и се донесе заклучок дека треба да го вратам мандатот или да се откажам од пратеничкиот мандат, апсолутно немам никаков проблем и со тоа“, изјави Петровска.

Таа нагласи дека раководството на СДСМ, предводено од Венко Филипче, треба да се фокусира на суштинските проблеми во партијата, наместо на нејзиниот пратенички статус.

„Ако и понатаму Венко Филипче и најтесното раководство околу него продолжат да ја трошат енергијата во СДСМ за вакви прашања, тогаш мислам дека граѓаните и членството сè повеќе се убедени дека партијата не оди во добар правец“, рече Петровска.

Осврнувајќи се на изјавата на потпретседателот на СДСМ, Горан Герасимовски, дека членовите на Платформата 125 не треба да заборават кој им овозможил да бидат на кандидатските листи, Петровска порача дека партијата не може да се поистоветува со неколкумина од раководството.

„Партијата не е раководството и не се тие пет-шест луѓе кои седат во централата. СДСМ е целото членство, и она кое е активно, но и оние членови кои се подзаборавени или оддалечени од партијата, а треба да се вратат назад“, истакна таа.

Петровска повтори дека е подготвена да го врати мандатот доколку органите што ја кандидирале донесат таква одлука, но изрази сомневање дека со тоа би се решиле проблемите во СДСМ.

„Ако сметаат дека најголемиот проблем за СДСМ во моментов е пратеничкиот мандат на Славјанка Петровска и дека ако јас го вратам, магично сè ќе се смени и СДСМ одеднаш ќе се вивне, јас тоа ќе го направам без проблем. Но се плашам дека проблемот поради кој СДСМ тоне како партија е многу поразличен и нема врска со мене“, порача Петровска.

Таа потврди дека и покрај разрешувањето од функцијата заменик-координатор на пратеничката група, засега останува дел од пратеничката група на СДСМ и ќе продолжи да дејствува согласно своите политички убедувања.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио во Славјанка Петровска 22.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни