Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, остро реагираше на изјавата на партискиот претседател Венко Филипче, во која беше употребена споредбата со шлепер, оценувајќи дека станува збор за несмасна и погрешна порака упатена кон сопствени партиски другари.
Во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ, на директното прашање дали се плаши од „шлеперот на Венко Филипче“, Петровска одговори дека таквите изјави не можат да ја заплашат.
„Не, како што реков, не успеале многу посериозни ликови да ме заплашат, не па такви несмасни изјави кои се погрешни, дадени во погрешно време и во погрешен контекст“, изјави Петровска.
Според неа, споредбата потсетува на изјава на поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, но со суштинска разлика во тоа кому му е упатена.
„Ако се мислеше на изјавата дадена пред многу години од Бранко Црвенковски, таа е рециклирана изјава, би рекла. Таа беше дадена кон политички непријатели, а оваа изјава беше дадена и кон партиски другари“, посочи Петровска.
На забелешката дека раководството на СДСМ можеби ги доживува поддржувачите на иницијативата за реформи како политички непријатели, таа одговори дека тие не се противници на партијата.
„Ако сметаат дека сме непријатели за нивните фотелји, да, тогаш е легитимно да нè сметаат за непријатели, а не сме непријатели на партијата“, рече Петровска.
Пратеничката се осврна и на неодамнешните избори во Брвеница, каде што, според неа, лошите одлуки и политики на партиското раководство имале негативно влијание врз изборниот резултат на СДСМ.
Таа објасни дека не учествувала во изборната кампања во Брвеница затоа што не добила покана од локалната организација, нагласувајќи дека партиското работење треба да биде организирано и координирано.
„Не се појавив во Брвеница бидејќи не бев поканета. Ако штабот на општинската организација тоа го побара, апсолутно да“, изјави таа.
Петровска смета дека наместо јавни препукувања и пораки кои можат да се протолкуваат како закани, СДСМ треба да отвори суштинска расправа за причините за изборните порази и за реформите што ги бара дел од членството.