Македонија

ХОРОСКОП ВО ЦРКВА, А ЦРКВАТА ВО ВУЛКАНСКИ КРАТЕР: Македонија крие светски уникат стар речиси 700 години!

ХОРОСКОП ВО ЦРКВА, А ЦРКВАТА ВО ВУЛКАНСКИ КРАТЕР: Македонија крие светски уникат стар речиси 700 години!

Верувале или не, во Македонија се наоѓа една од најнеобичните фрески во византиската уметност – приказ на зодијачките знаци на сводот на православен храм, стар речиси седум века. Уште поневеројатно е што манастирот во кој се наоѓа ова уметничко богатство е сместен во кратер на одамна изгаснат вулкан.

За оваа малку позната знаменитост потсетува скопјанката Изабела Левенска Миљаниќ, која претходно го привлече вниманието на јавноста со иновативна дигитална платформа што го претвора Скопје во музеј под отворено небо.

Во својата објава на социјалните мрежи, таа открива детали за необичната фреска во Лесновскиот манастир, која ја претставува како единствена сочувана композиција од ваков вид во византиското монументално сликарство.

Ѕвездите не ја предвидуваат судбината, туку го слават Бога

За разлика од денешното толкување на хороскопот, зодијачките симболи на оваа фреска немаат улога да ја предвидуваат човечката судбина. Тие се дел од религиозна композиција инспирирана од 148. псалм, во кој сонцето, месечината и ѕвездите се повикуваат да го слават Бога.

Во центарот на композицијата е претставен Исус Христос, кој благословува со десната рака, додека во левата држи затворен свиток. Околу него се распоредени небесни тела, планети и зодијачки знаци, прикажани на исклучително необичен начин.

Сонцето е насликано како крилест млад човек што јава двоножно суштество, додека Месечината е претставена како топка поделена на два дела. Знакот Вага, наместо со традиционалните тасови, е прикажан преку две момчешки глави со заеднички врат.

Планетите Марс, Венера, Меркур и Јупитер се претставени како крилести фигури што лебдат низ небесниот свод.

Фреска стара седум века, сочувана на единствено место

Според објавата на Левенска Миљаниќ, фреската датира од средината на 14 век, околу 1349 година, и претставува исклучителна реткост во византиското црковно сликарство.

Лесновскиот манастир бил подигнат во 1341 година, за време на деспот Јован Оливер, еден од најмоќните благородници во времето на цар Душан. Живописот бил изработен во годините што следувале.

Во храмот се наоѓа и монументален портрет на цар Душан, висок околу три метри, кој се вбројува меѓу значајните сочувани владетелски претстави од византиската уметничка традиција.

Она што ја прави приказната уште понеобична е самата местоположба на манастирот. Селото Лесново се наоѓа во рамките на Лесновската купа, добро зачувана вулканска форма во Кратовско-злетовската вулканска област. Станува збор за ретка геолошка појава, која на ова историско место му дава дополнителна посебност.

Левенска Миљаниќ посочува дека фреската е сведоштво за период во кој астрологијата, уметноста и религијата имале поинаков меѓусебен однос од денешниот.

Токму затоа, според неа, зодијачката композиција не е само необичен украс, туку и историски доказ за интелектуалните и уметничките влијанија во средновековното општество.

Речиси 700 години подоцна, Лесновскиот манастир продолжува да чува едно од најнеобичните богатства на македонското културно наследство – зодијак на сводот на православна црква, сместена во кратер на изгаснат вулкан.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни