Македонија

Јолевски, Стојков и Лилчиќ-Адамс се добитници на државната награда „23 Октомври“

Јолевски, Стојков и Лилчиќ-Адамс се добитници на државната награда „23 Октомври“

Актерот Ѓорги Јолевски, историчарот Стојко Стојков и археологот Виктор Лилчиќ-Адамс се годинашни добитници на Државната награда „23 Октомври“.

Признанието им се доделува на тројца истакнати дејци од областа на културата и науката, за нивните долгогодишни остварувања и придонес.

За Ѓорги Јолевски е посочено дека наградата ја добива за придонесот во театарската и филмската уметност. Според Одборот за доделување државни награди, научните дела на Стојко Стојков имаат особено значење во време кога македонската историја е предмет на оспорување и спротивставени толкувања.

Виктор Лилчиќ-Адамс со децении ги истражува античките градови, тврдини и историски процеси, како и цивилизациите што се развивале и опстојувале на македонскиот простор, оставајќи значаен придонес во археолошката наука.

Добитниците на признанијата порачаа дека денес борбата за напредок се води со поинакви средства – преку културата, науката и создавањето нови вредности.

„Денес оружјето е заменето со културни и научни дела и резултати. Токму затоа ние категорички тврдиме дека ако му се даде зелено светло на умот во домените на развојот на културата и особено науката, Македонија и современите човечки заедници во неа имаат голема шанса да доживеат многу поголем развој во неизвесната иднина што претстои“, посочија добитниците.

Тие додаваат дека признанието е мотив за продолжување на истражувањата, кои ги гледаат како културен и научен влог во „цивилизацискиот мозаик на слободна и независна Македонија“.

Со наградата „23 Октомври“ се оддава признание за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата и образованието, како и за придонес во афирмацијата на македонските вредности и културно-историското наследство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни