На почетокот на грејната сезона, 65 домаќинства во станбената зграда на улица Тоне Томшиќ бр. 25 во Кисела Вода останаа без парно греење, и покрај тоа што редовно ги плаќаат сметките кон ЕСМ Снабдување. Проблемот е во тоа што пумпата за топлинска енергија на зградата се наоѓа во просториите на студентскиот дом „Пелагонија“ уште од изградбата на станбениот објект во седумдесеттите години.
„Откако „Пелагонија“ ни го прекина парното, по три дена ургенции беше овозможен пристап на ЕСМ за повторно пуштање на пумпата. Но, греењето траеше само три дена, по што повторно останавме без парно. Потоа бевме известени дека „Пелагонија“ е исклучена од електрична енергија поради долгови. Од ЕСМ нè упатија до ЕВН за поставување посебно електрично броило за нашата зграда. Но, од ЕВН ни беше кажано дека таквото техничко решение не е изводливо, па повторно бевме упатени кон ЕСМ Топлификација, од каде што добивме одговор дека поради технички причини не може да се пушти парното. И така, одговорноста се префрла од една институција на друга, а 65 домаќинства сме без основниот услов за нормално живеење – греење“, велат станарите на зградата на улица Тоне Томшиќ бр. 25, Кисела Вода кои се јавија во нашата редакција.
Станарите имаат склучено договори со ЕСМ Снабдување и редовно ги исполнуваат своите обврски. Велат дека не прифаќаат да бидат оставени без парно поради проблеми што не ги предизвикале и за кои не се одговорни.
„Јавно ги повикуваме ЕСМ, ЕВН и надлежните институции итно да најдат трајно решение и да го обезбедат греењето за нашата зграда. Не бараме привилегии. Бараме услуга за која редовно плаќаме и право на нормални услови за живот.
Од ЕСМ Снабдување со топлина на станарите им испратле писмено известување во кои велат дека немаат пристап во објектот на студентскиот дом „Пелагонија“ и затоа не може да се овозможи снабдување со парно греење.
„Со оглед дека станува збор за 63 станови од кои 54 се приклучени и имаат потреба од греење во претстојната грејна сезона, ве замолуваме согласно вашите ингеренции како заедница на станари да се обратите до студентскиот дом „Пелагонија“ за решение на проблемот со пристап до топлинската станица и непречено снабдување со електрична енергија за пумпите“, се вели во одговорот од ЕСМ Снабдување до станарите.
Овој проблем станарите го имаа и пред неколку години.