Новинарката Жана Булаиќ, во гостување во „Ноќно студио“ на 4ТВ, оцени дека Србија се соочува со едни од најнеизвесните избори во последните децении, проследени со голема излезност, но и бројни нерегуларности.
Според неа, изборниот ден поминувал во атмосфера на голема заинтересираност кај граѓаните, а на одредени избирачки места биле забележани долги редици уште од раните утрински часови.
„Ова се можеби најнеизвесните избори од 2012 година, кога Александар Вучиќ дојде на власт“, посочи Булаиќ.
Таа нагласи дека особено впечатлив бил интересот на српската дијаспора, при што дел од граѓаните патувале илјадници километри за да го остварат своето гласачко право.
Булаиќ оцени дека високата излезност покажува колкаво значење граѓаните им придаваат на овие избори, но дека останува неизвесно на која политичка страна ќе ѝ оди во прилог.