Актуелната претседателка на Бугарија и кандидатка за нов претседателски мандат, Илијана Јотова, изрази загриженост поради ниската излезност на претседателските избори, нагласувајќи дека без активно учество на граѓаните не може да се очекуваат вистински промени во државата.
„Илузија е да мислиме дека ако не гласаме, можеме нешто да промениме во земјата“, порача Јотова во своето прво обраќање по завршувањето на изборниот ден.
Таа им се заблагодари на граѓаните кои го искористиле своето избирачко право, како и на оние што ја поддржале нејзината кандидатура заедно со кандидатот за потпретседател Кирил В’лчев.
Јотова истакна дека Бугарија има голем потенцијал за развој, но предупреди дека политичките поделби и конфронтации можат повторно да ја вратат земјата во период на стагнација.
„Во следните години мора многу работи да промениме за да не ја вратиме Бугарија во годините кога изгубивме многу можности поради поделби и конфронтации“, изјави таа.
Посебен акцент стави на безбедноста и мирот, најавувајќи дека тие ќе останат меѓу главните приоритети во нејзината политика.
„Ќе бидам бугарски претседател на мирот, бидејќи без мир нема безбедност и просперитет“, порача Јотова.
Таа нагласи дека сака националните симболи да ги обединуваат граѓаните, порачувајќи дека на улиците и плоштадите сака да гледа бугарски, наместо странски знамиња.
Во однос на претстојниот втор круг, Јотова најави продолжување на позитивната кампања и обраќање до сите граѓани, без оглед на нивната политичка определба.
Според првичните податоци од паралелното пребројување, објавени од бугарската телевизија НОВА, претседателската двојка Илијана Јотова – Кирил В’лчев води по првиот круг, но ќе се соочи со Андреј Ѓуров и Георги Кандев на вториот круг, закажан за 1 ноември.
Агенцијата „Тренд“ прогнозира 36 проценти поддршка за Јотова и В’лчев, наспроти 30,8 проценти за Ѓуров и Кандев. Според агенцијата „Мјара“, поддршката изнесува 34 наспроти 31,3 проценти.
Излезноста, според првичните процени, е исклучително ниска и се движи меѓу 20,8 и 21,9 проценти.
Во меѓувреме, кандидатот за потпретседател Кирил В’лчев упати јавна покана за дебата до противкандидатот Георги Кандев, додека Јотова порача дека во преостанатата недела од кампањата ќе се обиде да допре до што поголем број граѓани.