Вкупно 800 лица со дијабетес тип 1 се опфатени со програмата за обезбедување сензори за континуирано следење на нивото на гликемијата, информира Министерството за здравство. Според институцијата, на пациентите им се распределени количини за шест месеци, односно до декември 2026 година, а снабдувањето е обезбедено преку јавна набавка што важи до април 2028 година.
Од Министерството посочуваат дека со набавката се обезбедени и современа инсулинска и антидијабетична терапија во зголемени количини, како дел од напорите за подобрување на третманот и контролата на болеста.
Во текот на мај и јуни годинава биле заменети сите трансмитери согласно утврдениот протокол. Пациентите вклучени во програмата ги подигнуваат сензорите во инсулинските аптеки, според утврдениот режим.
Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремените жени со дијабетес тип 1, слепите лица со оваа дијагноза, како и пациентите со најтешки компликации и придружни заболувања.
Од Министерството наведуваат дека, во рамки на расположливите буџетски средства, приоритет имаат најранливите категории пациенти, со цел да им се овозможи континуирано следење на нивото на шеќер во крвта и подобро управување со болеста.
Сензорите за континуирано следење на гликемијата за првпат биле обезбедени во 2023 година, кога биле опфатени 650 пациенти. Со јавната набавка во 2026 година, бројот е зголемен на 800 лица.
Министерството за здравство информира дека останува отворено за комуникација со пациентските организации и ќе продолжи со активности за унапредување на грижата за лицата со дијабетес.