Македонија

Недостиг од лекари и прекини во терапијата во македонските затвори, алармира Народниот правобранител

Недостиг од лекари и прекини во терапијата во македонските затвори, алармира Народниот правобранител

Здравствената заштита во македонските затвори се соочува со сериозни недостатоци, од недоволен број медицински работници и долги чекања за специјалистички прегледи до прекини во терапијата. На овие проблеми укажува истражувањето на Народниот правобранител, кое опфатило 11 казнено-поправни установи во земјава.

Според наодите, ниту една од анализираните установи нема обезбедено присуство на здравствен персонал 24 часа дневно. Во четири затвори медицинската грижа се обезбедува само повремено или по повик, што отвора прашања за навременоста на здравствената помош за лицата лишени од слобода.

Особено загрижувачка е состојбата во најголемиот затвор во државата – „Идризово“. Заменик-народната правобранителка Соња Трифуновска посочува дека таму еден лекар се грижи за околу 691 лице, иако препорачаниот сооднос е еден лекар на приближно 300 лица.

Недостигот од медицински кадар е видлив и кај медицинските сестри и техничари, при што еден здравствен работник се грижи за речиси 461 лице.

Дополнителен проблем е пренатрупаноста, која е утврдена во седум од вкупно 11 анализирани установи. Таквата состојба дополнително го отежнува обезбедувањето соодветна медицинска грижа за затворениците.

Истражувањето укажува и на недостиг од возила за транспорт на пациентите до болниците, одложување на дијагностичките процедури и нерамномерна достапност на лекови. Овие недостатоци можат да влијаат врз навременото добивање здравствени услуги и континуитетот на лекувањето.

Народниот правобранител бара итно зголемување на бројот на медицински работници, јасни правила за дежурства во текот на ноќта и за време на викендите, како и подобра организација на здравствената заштита, особено во делот на менталното здравје.

Во извештајот се нагласува дека правото на здравствена заштита им припаѓа на сите граѓани, вклучително и на лицата лишени од слобода, а медицинските услуги мора да бидат навремени и достапни во сите казнено-поправни установи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни