Неправилности во пописот и евиденцијата на имотот, нерегулирани прашања околу сопственоста на недвижностите, како и пропусти во јавните набавки се дел од забелешките во конечниот ревизорски извештај за работењето на Министерството за дигитална трансформација за 2024 година.
Државниот завод за ревизија го објави конечниот извештај од извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност на Министерството за 2024 година, која се однесува на две сметки.
Според утврденото во извештајот, вонредниот и редовниот попис на средствата не биле спроведени на начин предвиден со законските и подзаконските акти. Дополнително, материјалната и сметководствената евиденција на основните средства не била усогласена со фактичката состојба, а не бил спроведен ниту делбен биланс со Министерството за јавна администрација.
Ревизорите констатирале и дека за дел од недвижниот имот не била утврдена вредноста преку процена, додека за одредени недвижности правото на сопственост не било запишано во Катастарот на недвижности.
Забелешки има и во евидентирањето на финансиските обврски. Обврските кон добавувачите не биле заведувани во периодот кога настанале, а имотот со кој располага Министерството не бил осигуран.
Во извештајот се наведува и дека одделението за внатрешна ревизија не било кадровски екипирано, поради што во текот на 2024 година не биле извршени ревизии.
Недостатоци биле утврдени и во дел од документацијата за јавните набавки. Во одредени досиеја немало докази за обезбедени гаранции, а биле набавувани и стоки и услуги за кои не била спроведена постапка за јавна набавка.