Светот би можел да се соочи со сè поголем недостиг на бакар во наредните децении, предупредуваат анализите на глобалниот пазар на суровини. Според „Фајненшел тајмс“ (Financial Times), проблемот може да започне уште во 2028 година и да стане сериозна пречка за индустриите што се потпираат на овој метал.
Истражувањето на „БлумбергНЕФ“ (BloombergNEF) предвидува дека глобалната понуда на бакар би можела да биде 8 отсто помала од побарувачката во 2035 година. До 2050 година, разликата би можела да се зголеми на 44 отсто, што укажува на сериозен предизвик за идното снабдување со металот. И Меѓународната агенција за енергетика претходно предупреди на ризици од недоволна понуда.
Бакарот е неопходен за голем дел од технологиите што ја обликуваат современата економија. Неговата спроводливост го прави клучен за електричните мрежи, обновливите извори на енергија и електричните автомобили. Истовремено, зголемената употреба на вештачка интелигенција, изградбата на центри за податоци, воените инвестиции и инфраструктурниот развој дополнително ја зголемуваат потребата од металот.
Во анализата на „Фајненшел тајмс“, овие трендови се посочуваат како фактори што можат да ја продлабочат нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката. Со оглед на тоа што развојот на нови рударски капацитети бара време и значителни инвестиции, обезбедувањето стабилни извори на бакар станува важно прашање за индустријата и владите.
„Изградбата на еден дата центар може да трае шест месеци, но за откривање на ново наоѓалиште на бакар, добивање дозволи и изградба на нов рудник може да бидат потребни 15 години. Всушност, многу компании што експлоатираат бакар се мачат дури и да го одржат производството на постојните локации – голем дел од нив работат со децении и се соочуваат со опаѓање на квалитетот на рудата. Во однос на обемот на побарувачката, бројот на нови „гринфилд“ рудници што се пуштаат во производство е исклучително мал, бидејќи во текот на изминатите неколку децении значително се намалени активностите за нивно откривање и развој“, оценува Џонатан Прајс, извршен директор на големиот производител на бакар „Тек“.
Дали Македонија ќе ги искористи своите потенцијали на бакар во период кога светот ќе се бори за повеќе количини од металот? Во моментов функционира единствено рудникот за бакар „Бучим-Боров дол“, кој веќе ги исцрпува капацитетите. Од друга страна, во минатото голем број на инвестиции во проекти за ископ на бакар пропаднаа и сега актуелна е само гринфилд инвестицијата во проектот „Иловица-Штука“. Во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, беше посочено Македонија да ги искористи капацитетите на критични суровини и да се вклучи во светската трка, запазувајќи ги европските стандарди во рударството.
Усогласувањето со европските стандарди се очекува и преку усвојувањето на најавените предлог закони за рударство и за геологија. Текстовите на двата закона неодамна беа расправани и во Стопанската комора на Македонија, од каде соопштија дека предложените решенија се насочени кон обезбедување поголема правна сигурност, поттикнување на инвестициите, поефикасни административни постапки и зајакнување на заштитата на животната средина.
„Рударството и геологијата не се само економски дејности. Тие претставуваат важен дел од индустриската основа на државата, обезбедуваат суровини за бројни други сектори, отвораат работни места, придонесуваат за локалниот и регионалниот развој и имаат значајна улога во економската и стратешката сигурност на земјата. За овој сектор да се развива одржливо и конкурентно, неопходна е стабилна, јасна и предвидлива законска рамка. Потребни се правила што ќе овозможат одговорно управување со минералните суровини, квалитетни геолошки истражувања, безбедно работење и заштита на животната средина, а истовремено ќе создадат услови за нови инвестиции и модернизација на постојните рудници“, соопштија од Комората.
Додека трае светската трка за минерали, а кај нас се расправа за предложените текстови на законите кои се очекува да отворат пат за нови инвестиции и геолошки истражувања, од локалната иницијатива „И здравје и работа“, која дава поддршка за проектот во Иловица, соопштија дека Македонија не смее да ја пропушти шансата за економски развој преку одговорно искористување на минералните ресурси.
„Македонија не смее да остане само набљудувач на овие процеси. Земјата располага со минерални ресурси и проекти што отвораат прашања за нивната економска оправданост, иднина и можен придонес кон развојот. Иловица е еден од најзначајните примери во оваа дебата, но и пример како значајни рударски инвестиции можат со години да останат без конечна разврска. Развојот на рударството не смее да биде тема што се сведува на дневнополитички преписки, меѓусебни обвинувања и политички пораки. Тоа е сложено економско, техничко и општествено прашање што бара стручна, аргументирана и инклузивна дебата“, се наведува во соопштението.
Од иницијативата додаваат дека Македонија не смее да ја пропушти можноста минералните ресурси да ги разгледува како дел од својата долгорочна развојна политика, а одговорното рударство, кога е економски оправдано и усогласено со високите стандарди за заштита на животната средина, може да создаде можности за инвестиции, работни места, развој на локалните бизниси и подобрување на животниот стандард.