Посетите на родителите и блиските кои издржуваат затворска казна во Струмица ќе бидат попријатни за најмладите членови на семејствата. Во затворот е уредено посебно детско катче со играчки и реквизити, наменето за децата кои доаѓаат да ги посетат своите најблиски.
Од Управата за извршување на санкции информираат дека идејата произлегла од барањата на родителите и нивните семејства, кои укажале на потребата од простор приспособен за децата за време на посетите.
Со поставувањето на играчките и детските реквизити, целта е да се создаде попријатна атмосфера и да им се овозможи на најмалите посодржаен престој додека се во посета на своите родители или други членови на семејството.
Од Управата посочуваат дека оваа активност е дел од континуираните напори за уредување и подобрување на дворниот простор во установата. Намерата е да се унапредат условите како за осудените лица така и за нивните посетители.
Во реализацијата на иницијативата помогнал и кошаркарскиот клуб АБА Струмица, на кој Управата му се заблагодари за поддршката и придонесот во создавањето на детското катче.