Променливо и дождливо време со повремено обилни врнежи се очекува во наредните денови, а најинтензивни врнежи се најавуваат во недела, понеделник и во текот на ноќта кон вторник. Под влијание на циклонска активност, времето ќе биде претежно облачно и посвежо, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Според најновата прогноза на УХМР, од денеска до вторник, 3 ноември, ќе има повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Во недела и понеделник кон крајот на денот, како и во текот на ноќта кон вторник, се очекуваат пообилни врнежи.
На повеќе места се прогнозира да наврнат над 25 литри дожд на квадратен метар за 24 часа, а во текот на целиот прогнозен период локално се очекуваат и над 60 литри на квадратен метар.
Слични временски услови се најавуваат и за Скопје. Во главниот град од утре до вторник ќе биде облачно, со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.
Најобилни врнежи во Скопската Котлина се очекуваат во недела и понеделник кон крајот на денот, како и во текот на ноќта кон вторник. За целиот прогнозен период се очекува да наврнат над 40 литри дожд на квадратен метар.