Македонија

Се чекаат ДНК-анализите за убиствата во Хром и Ѓорче Петров, истекува притворот за осомничените

Се чекаат ДНК-анализите за убиствата во Хром и Ѓорче Петров, истекува притворот за осомничените

Резултатите од ДНК-анализите и дополнителните испитувања за двете убиства во скопските населби Хром и Ѓорче Петров се очекува идната недела да бидат доставени до обвинителството. Во меѓувреме, истражните органи испитуваат сведоци и ги анализираат прибраните докази за да ја утврдат индивидуалната одговорност на четворицата осомничени.

Денеска попладне истекува нивниот 48-часовен краткотраен притвор. Од обвинителството посочуваат дека може повторно да биде побарана оваа мерка доколку се исполнети законските услови. Во натамошната постапка не се исклучува ниту предлог за определување 30-дневен притвор.

Во Институтот за судска медицина е завршена обдукцијата на телата на 62-годишниот маж и 76-годишната жена. Според директорката на Институтот, д-р Александра Станков, во тек се ДНК-анализи и дополнителни испитувања, чии резултати се очекуваат следната недела.

Четворицата осомничени, тројца од Скопје и еден од Струмица, според МВР, биле приведени пред три дена. Сомнежите се дека двата случаја се поврзани со разбојништва со смртни последици.

Седумдесет и шестгодишната жена била пронајдена мртва од својата ќерка во домот во населбата Мирче Ацев. Пет дена претходно, во стан во Хром бил пронајден мртов 62-годишен маж, со видливи повреди и траги од насилство.

Од МВР велат дека континуирано преземаат мерки за заштита на личната и имотната сигурност на граѓаните, со посебно внимание кон повозрасните лица и оние што живеат сами.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни