Обвинетиот за палењето на двете дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје ја призна вината на денешното судско рочиште. Пред судот изјавил дека самиот донел одлука да го изврши делото.
„Се чувствувам виновен и во целост ја признавам вината. Сам одлучив“, изјавил обвинетиот.
Палењето се случи на 15 јуни годинава, околу 12:05 часот, на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, пред Амбасадата на Бугарија во Скопје.
Според наводите на обвинителството, 44-годишниот скопјанец со автобус пристигнал во центарот на градот, по што од блиската бензинска пумпа купил бензин и го ставил во пластично шише. Потоа со горивото ги полеал двете паркирани дипломатски возила и ги запалил со запалка.
Откако го предизвикал пожарот, обвинетиот го напуштил местото на настанот.
Основното јавно обвинителство Скопје против него поведе постапка за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“ од член 288 од Кривичниот законик. Во обвинението се наведува дека со неговите дејствија била предизвикана значителна опасност за животот и телото на луѓето, како и за имот од големи размери.
Во текот на постапката се утврдувала и неговата пресметливост во моментот на извршувањето на делото. На следното рочиште, закажано за 11 ноември, е најавено сослушување на вештак.