Одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на АЛТА банка а.д. Белград сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата на АЛТА банка АД Битола, соопшти Народната банка на Република Северна Македонија. Оттаму посочуваат дека домашниот банкарски систем е стабилен и отпорен, а сите банки во земјава се под непосреден супервизорски надзор.
Народната банка објаснува дека АЛТА банка АД Битола е самостојно правно лице, основано и регистрирано во земјава, чие работење се оценува според домашната законска и регулаторна рамка.
„Народната банка, како надлежен супервизор, ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби“, се наведува во соопштението.
Централната банка нагласува дека ги следи сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. Во таа насока, соработува со надлежните домашни и странски институции, со почитување на законските правила за доверливост на супервизорските информации.
Во однос на согласноста за стекнување квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека таа се издава по сеопфатна постапка. Во неа, како што наведува, се оценуваат законски утврдените критериуми врз основа на официјално достапните податоци.
Од Народната банка апелираат јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации.
Институцијата најавува дека ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и да постапува во рамките на своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите.