Македонија

Филипче бара оставка од Славески и повика Обвинителството да го испита одобрувањето на влезот на Алта банка

Филипче бара оставка од Славески и повика Обвинителството да го испита одобрувањето на влезот на Алта банка

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара оставка од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и истрага од Јавното обвинителство за околностите под кои бил одобрен влезот на Алта банка во Македонија. На прес-конференција, тој побара и јасно објаснување од надлежните за сигурноста на депозитите на граѓаните и на јавните претпријатија.

Осврнувајќи се на информациите за одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Србија, Филипче праша дали премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Славески соодветно ги процениле ризиците при влезот на банката на македонскиот пазар.

„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија“, рече Филипче.

Поврзана објаваМицкоски за Алта Банка: Не знам дали е се во ред, но за да дојде во Македонија банка, има таков клиринг-процес во рамките на Народната банка што не може фенинг капитал да влезе

Тој наведе дека граѓани веќе се собираат пред експозитури на Алта банка во дел од градовите и побара Народната банка да излезе со јасни информации.

„Апелираме на гувернерот да излезе јасно и гласно и да каже дали има простор за грижа на граѓаните“, порача лидерот на СДСМ.

Поврзана објаваВИДЕО Граѓани чекаат за повлекување пари пред Алта банка во Битола

Според Филипче, партискиот антикорупциски тим уште во декември минатата година поставувал прашања за работењето на Алта банка и за нејзиниот влез во земјава. Повикувајќи се на медиумски информации и на политички контакти во Србија, тој изнесе обвинувања за наводна поврзаност на банката со пари од криминал, корупција и шверц на дрога. На прес-конференцијата побара Обвинителството да испита дали постои одговорност кај надлежните што го овозможиле нејзиниот влез.

Поврзана објаваНародна банка: Одземањето на дозволата на АЛТА во Србија не значи автоматски и одземање во Битола

Филипче го поврза случајот и со пошироки обвинувања за политичко и економско влијание од Србија врз актуелната власт. Тој тврдеше дека постои директно влијание од Српската напредна странка врз ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, нагласувајќи дека неговите критики не се однесуваат на српскиот народ.

Во тој контекст, изнесе и забелешки за работењето и регулаторниот статус на медиумите „Арена“ и „Еуроњуз“ во Македонија, како и обвинувања за поврзаност на лица блиски до власта со структури во Србија.

На крајот од прес-конференцијата, Филипче ја критикуваше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според него, до медиумите било испратено писмо со укажување на изборниот молк, кое тој го поврза со неприсуството на дел од нив на настанот. Праша зошто, според неговите наводи, немало иста реакција за прес-конференција пред првиот изборен круг.

Филипче порача дека СДСМ ќе продолжи да ги отвора овие прашања и дека борбата против криминалот и корупцијата ќе остане партиски приоритет.

Поврзана објаваАлта банка Битола: Работиме непречено, клиентите имаат пристап до парите

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни