Плаќањето сметки, купувањето во супермаркети и другите плаќања од сметките на физичките лица во АЛТА банка АД Битола влегуваат во неделниот лимит од 10.000 денари. Надвор од ова ограничување се обврските што клиентите ги имаат кон самата банка, појасни гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на вонредната прес-конференција.
Тоа значи дека 10.000 денари се вкупен неделен лимит за одлив од сметките, во кој се пресметуваат и секојдневните трошоци и плаќањето сметки. Овие плаќања не се дополнителен износ над дозволениот лимит.
Одговарајќи на новинарските прашања за тоа што се опфаќа ограничувањето, Славески потврди дека плаќањата во супермаркети и плаќањето сметки влегуваат во определената сума.
„Обврските што ги имаат спрема банката се надвор од тој лимит“, појасни гувернерот.
Лимитот се однесува на календарска седмица, од понеделник до недела, а средствата, според неговото објаснување, може да се користат со картичките издадени од банката.
Посебен режим важи за интерните плаќања меѓу сметките на клиентите во самата АЛТА банка Битола. Тие остануваат овозможени во неограничен износ, и за физичките и за правните лица, соопшти Славески.
Во однос на мобилното и електронското банкарство, гувернерот рече дека се работи на нивно овозможување во наредните денови, во рамките на поставените ограничувања. Најави и приспособување на работењето на филијалите за клиентите што имаат депозити, но немаат платежни картички.
Ограничувањата се дел од привремените мерки што Народната банка ги воведе со поставувањето администрација во АЛТА банка Битола, по случувањата со нејзиниот акционер, АЛТА банка АД Белград.
Славески нагласи дека домашната банка продолжува да има дозвола за работа и дека, според оцената на Народната банка, е висококапитализирана и ликвидна. Целта на мерките, како што рече, е заштита на имотот на банката и на интересите на штедачите.
Максималниот рок за траење на привремените мерки е три месеци, но Народната банка очекува побрзо разрешување на состојбата преку продажба на акциите на белградскиот акционер. Во меѓувреме, кредитокорисниците треба да продолжат навремено да ги исполнуваат своите обврски кон банката.
Погледнете ја цела прес конференција