Остра јавна преписка на социјалната мрежа Икс меѓу претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, по одлуката за воведување привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола.
Филипче ја критикуваше одлуката со која граѓаните можат да користат најмногу 10.000 денари неделно од своите сметки, поставувајќи прашање зошто, според неговото толкување, за фирмите не важат истите ограничувања.
„Каква е оваа одлука на Трајко Славески граѓаните да не можат да си ги извадат парите, да можат само 10.000 денари неделно да вадат, а фирмите да можат колку сакаат?“, напиша Филипче, изнесувајќи и политички обвинувања поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
На ваквата објава реагираше лично гувернерот Славески, кој му порача на лидерот на СДСМ дека погрешно ги толкува воведените мерки.
„Почитуван докторе, разумен човек уште веднаш ‘хируршки’ би го отстранил/избришал овој срамен пост“, напиша Славески.
Тој појасни дека, спротивно на тврдењето на Филипче, правните лица нема да можат да повлекуваат средства од сметките во „Алта банка“ АД Битола.
„Тие единствено ќе можат да вршат пренос на парични средства, во неограничен износ, на сметки на други клиенти во Алта банка АД Битола“, нагласи гувернерот.
Славески потсети дека ограничувањата биле објаснети и на вонредната прес-конференција, а на крајот од одговорот директно го праша Филипче: „Јасно е сега?“
Преписката следува по одлуката на Народната банка да воведе привремена администрација во „Алта банка“, со цел заштита на имотот на банката и интересите на штедачите.