Кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Аркин Јахији, е победник во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, покажуваат првичните неофицијални резултати што ги соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Според електронски обработените податоци, Јахији освоил 4.442 гласа, односно 50,36 отсто, додека неговиот противкандидат Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, добил 4.177 гласа или 47,36 отсто. Разликата меѓу двајцата кандидати изнесува 265 гласа.
Од вкупно 16.256 запишани избирачи, на гласање излегле 8.820 граѓани, што претставува излезност од 54,29 отсто. Регистрирано е 201 неважечко гласачко ливче.
Од ДИК информираат дека гласањето се одвивало во мирна и демократска атмосфера, без пријавени неправилности кои би влијаеле врз изборниот процес. Сите 24 избирачки места биле затворени навреме, во 19 часот.
Во текот на денот биле поднесени три приговори за заштита на личното избирачко право. Сите биле усвоени, по што на граѓаните им било овозможено да гласаат.
Од Комисијата потсетуваат дека подносителите на кандидатските листи имаат право да поднесат приговори за постапката на гласање најдоцна до вторник, 3 ноември, во 19 часот.
ДИК треба да одлучи по евентуалните приговори во рок од 72 часа, а против нејзината одлука може да се поднесе тужба до Управниот суд.
Конечните изборни резултати ќе бидат објавени по завршувањето на сите законски постапки и рокови за приговори.