Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил деловна средба со претставници на германски компании од покраината Северна Рајна-Вестфалија, кои веќе се присутни на македонскиот пазар. Во фокусот на разговорите биле можностите за нови инвестиции, продлабочување на економската соработка и отворање нови, високоплатени работни места.
Како што информираше Мицкоски преку објава на Фејсбук, на средбата биле претставени инвестициските потенцијали на Македонија во повеќе стратешки области, меѓу кои информатичко-комуникациските технологии, обновливите извори на енергија, здравството, јавната безбедност и инфраструктурниот развој.
Посебно внимание било посветено и на можностите за дигитална трансформација на индустријата, како и на проширувањето на соработката со германските компании кои веќе имаат деловни активности во земјава.
Мицкоски нагласи дека Владата останува посветена на создавање стабилни и предвидливи услови за инвестирање, со цел привлекување нов странски капитал и поттикнување на економскиот развој.
„Нашата цел е германските компании да ја препознаат Македонија како доверлив партнер за долгорочни инвестиции, трансфер на технологии и развој на висококвалификуван кадар“, истакна премиерот.
Според објавата, заложбите се насочени кон зајакнување на економските врски со Германија и создавање можности за нови инвестиции кои би придонеле за развој на македонската економија.
Засега не се соопштени конкретни инвестициски проекти, финансиски износи или рокови за нивна реализација.