Во живо Вонредно Ноќно студио 20:00 „Кризата со Алта Банка“ Гледај
Македонија

Миноски во „Ноќно студио“ на 4ТВ: Алта банка е ликвидна, но кризата со сопственикот претставува сериозен ризик

Миноски во „Ноќно студио“ на 4ТВ: Алта банка е ликвидна, но кризата со сопственикот претставува сериозен ризик

Алта банка во Македонија располага со доволно финансиски средства за сервисирање на своите обврски, но случувањата со нејзиниот сопственик во Србија создаваат сериозен репутациски ризик и загриженост кај граѓаните и компаниите. Ова го истакна екс министерот по финансии Кирил Миновски во вечерашното гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Говорејќи за актуелната состојба со Алта банка, Миновски посочи дека според јавно достапните податоци и информациите презентирани од Народната банка, банката во Македонија е ликвидна и има капацитет да ги исполнува своите финансиски обврски.

„Врз основа на официјалните податоци и она што го видовме на прес-конференцијата на Народната банка, банката е ликвидна. Тоа значи дека располага со доволно средства за да ги сервисира обврските и да овозможи непречено користење на средствата на депонентите, односно компаниите и физичките лица“, изјави Миновски.

Сепак, тој предупреди дека банкарскиот сектор е специфична и строго регулирана дејност, во која довербата и репутацијата на сопствениците имаат исклучително значење.

Според Миновски, проблемите со Алта банка во Србија, на која на 31 октомври ѝ била одземена дозволата за работа, директно се одразуваат врз довербата во македонската банка, со оглед на тоа што српската банка поседува околу 90 проценти од нејзините акции.

„Во овој случај имаме класична криза која се прелеала врз основа на случувањата со сопственикот на банката. Самиот факт што на компанијата која поседува 90 проценти од акциите ѝ е одземена лиценцата претставува репутациски ризик, независно што станува збор за друга држава и друг регулатор“, нагласи Миновски.

Тој објасни дека ваквите случувања претставуваат предупредување за регулаторните институции, бидејќи банките управуваат со депозитите на граѓаните и компаниите, а секое нарушување на довербата може да предизвика дополнителни последици.

Миновски посочи дека слични проблеми се забележани и во други земји од регионот, споменувајќи ги Босна и Херцеговина, односно Република Српска, како и Црна Гора, каде што, според него, дозвола за работа ѝ била одземена на небанкарска финансиска институција вклучена во платниот промет.

„Овие случувања во Србија, кај матичната компанија која е сопственик на 90 проценти од акциите, имаат соодветни реперкусии и предизвикуваат оправдана загриженост и кај регулаторот, но и кај компаниите и граѓаните кои се депоненти на банката“, истакна Миновски.

Тој нагласи дека иако македонската банка функционира во посебен правен и регулаторен систем, случувањата со нејзиниот сопственик не можат да се игнорираат, особено кога станува збор за зачувување на довербата во банкарскиот сектор.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни