Управител на друштво за технички прегледи на моторни возила е осомничен дека присвоил средства наплатени за јавни давачки при регистрација на возила, со што на фирмата ѝ прибавил противправна имотна корист од 41.518.042 денари.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против М.Н. до Основното јавно обвинителство Тетово, поради основи на сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.
Според Финансиската полиција, осомничениот во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година го искористувал овластувањето на друштвото за вршење технички прегледи и противправно присвојувал пари наплатени од граѓани и компании, кои биле наменети за други субјекти.
Со ваквото постапување, според пријавата, биле оштетени општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Финансиската полиција наведува дека управителот, за да ги прикрие трагите, во текот на 2022 и 2024 година извршил и противправен отпис на обврски за јавни давачки во вкупен износ од 17.090.623 денари.
На тој начин, според Управата, во сметководствената евиденција го намалил долгот кон наведените субјекти и прикажал помали обврски за јавните давачки.