Македонија

Администратор на Фејсбук-страница пријавен за пиратерија на телевизиска серија

Администратор на Фејсбук-страница пријавен за пиратерија на телевизиска серија
Фото: 4news.mk

Администратор на Фејсбук-страница од Скопје е кривично пријавен поради сомневања дека без дозвола објавувал епизоди од телевизиска серија за која ексклузивните авторски права ги поседувала телевизиска куќа. Против 46-годишниот Ј.К. се поднесени две кривични пријави, за повреда на авторско право и сродни права и за пиратерија на аудиовизуелно дело.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пријавениот во текот на 2024 година, како администратор на Фејсбук-страница, јавно објавувал содржини од серија за која немал обезбедено авторски права.

Според пријавата поднесена од телевизиската куќа до Основното јавно обвинителство Скопје, на страницата биле објавувани различни серии, филмови и документарни содржини, меѓу кои и епизоди од серијата чии ексклузивни права биле отстапени исклучиво на програмскиот сервис на телевизијата, врз основа на претходно склучен договор.

Постапувајќи по наредба на ОЈО Скопје, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР го повикал осомничениот на информативен разговор и привремено одзел електронски уред во негова сопственост.

По извршената дигитално-форензичка анализа на уредот, биле потврдени наводите од пријавата, како и исказот што го дал пријавениот за време на разговорот.

Кривичната пријава против Ј.К. е поднесена согласно членовите 157 и 157-б од Кривичниот законик.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни