Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на Македонија ја нотира посветеноста на реформите, но посочува на отсуство на обиди за усвојување на уставните измени, ограничен напредок во правосудството и отсуство на напредок во борбата против корупцијата.
Во документот се нагласува и значењето на добрососедските односи со Бугарија и потребата од дијалог. За заедничката историска комисија се наведува дека одржува средби, но без резултати.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека Македонија ја зголемила подготвеноста за членство во Европската унија и дека е меѓу земјите кандидатки со највисоко ниво на усогласеност со европското законодавство.
„Сега треба да видиме повеќе напредок во борбата против корупцијата и реформа во јавната администрација“, порача Кос.
За следниот чекор во преговорите — отворањето на кластерот 1 — останува потребата од усвојување на уставните измени договорени во 2022 година, кои се однесуваат на националните малцинства.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го прими извештајот од евроамбасадорот Михалис Рокас. Во објава на Фејсбук го оцени документот како реален приказ на постигнувањата и на предизвиците во европската интеграција.
„Со целосна сериозност ги прифаќаме и критичките оценки во однос на отсуството на политички консензус за одредени прашања и зголемената употреба на скратените постапки. Овој извештај треба да биде поттик за забрзување на процесот и за докажување дека нашата држава е посветена на европските вредности и стандарди“, напиша Гаши.
За попладне е најавено Рокас да му го врачи извештајот на премиерот Христијан Мицкоски во Владата, по што треба да се одржи заедничка прес-конференција.